Енергетска Демокртатија како концепт

За да воспоставиме една одржлива економија, и да спроведеме вистински климатски политики, мораме да создадеме целосно одржлив енергетски систем. Ваквата транзиција отвора голема можност за остварување на енергетска демократија.

Енергетските системи се создадени и дизајнирани во минатиот век како високо централизирани системи со top-down пристап. Како пример, нуклеарните централи се управуваат и раководат слично или исто како воените бази, додека ветерните турбини (ветерници) и соларните централи можат да бидат во сопственост на локални заедници како: села, населби, или поголема група граѓани која тие самите можат да ја управуваат. Понатаму, фосилните горива како ресурс можат да се најдат само во одредени региони, па затоа бараат воспоставување на централизирани системи за производство и дистрибуција и ги доведуваат до голема енергетска зависност оние региони кои не поседуваат вакви ресурси.

Спротивно на тоа, сончевата и ветерната енергија се достапни низ целиот свет. Ова овозможува создавање на децентрализирани и поврзани социо-економски системи кои се базираат на взаемна соработка – кооператива.

Во современи услови, технолошкиот развој ни дава многу повеќе можности за еден децентрализиран енергетски систем, кој би бил организиран во демократски дух. Граѓанските кооперативи и локалната власт можат да одиграат една клучна улога за развој на јавно-граѓанско партнерство како форма на инвестиција и организација во енергетиката.

Со овој проект сакаме да ја истакнеме важноста на искористувањето на ресурсите за добивање на енергија од одржливи извори - со практикување на концептот на Енергетска демократија и здружување на индивидуалните потрошувачи во производни енергетски заедници - Кооперативи. Преку истражување и информирање на јавноста ќе се подигне јавната свест за нужноста од создавање на правно/регулативни и социо-економски услови за здружување во форма на енергетски кооперативи и стимулирање и раст на нивната застапеност во нашиот енергетски систем.
Општ осврт кон здружувањето и взаемната соработка – кооператива:

Човекот се разликува од другите живи суштества по тоа што е способен да се организира во големи групи кои имаат една иста заедничка цел и тоа го прави синхронизирано во комуникација со огромен број на други единки. Само-организирањето на човекот е негова суштинска карактеристика од самиот почеток на неговото постоење.

Ние, луѓето, владееме со планетата затоа што ние сме единствените цицачи кои можат да работат заедно во многу големи групи. Сите наши големи достигнувања не се резултат на индивидуалните капацитети, туку на обемната соработка, за која треба солидна и одржлива идеја, која од една страна ќе има најуспешен резултат во развојот, но од друга страна ќе има најмал или нулта негативен импакт врз природните ресурси и животната средина во целина.

Реализацијата е речиси секогаш сложена, но не е секогаш најуспешна. Историски гледано, кои идеи, движења и правци ќе успеат, а кои нема, тешко е да се предвиди. Мораме да спроведеме драстични промени во начинот на кој владееме со планетата и нејзините ресурси, за да се осигураме дека придобивките од развојот им помагаат на сите, но не само сега, туку и на идните генерации. Ваквите придобивки можеме да ги постигнеме само со рамномерно и правилно искористување на одржливите ресурси насекаде на планетата.

Првично од социо-економски причини не смееме да дозволиме создавање на изразена нееднаквост во распределбата на ресурсите, и креирање на преголем јаз помеѓу оние кои ги имаат ресурсите и оние кои ги користат во секојдневната егзистенција. Ваков јаз, историски од секогаш постоел, но во иднина треба да се придвижиме кон системско решение кое ќе го стимулира одржливиот развој, ќе биде долгорочно и ќе овозможи социјална правда преку правилна распределба на општествените и природните ресурси.

Светот се движи кон се поизразена политичко-економска несигурност предизвикана од пренаселеноста на планетата и од несоодветното и нерамномерно искористување на природните ресурси и потенцијали. Во секојдневниот речник се позастапен е зборот „уништување“. Но сепак, миграцијата нема да ја уништи човечката цивилизација, тероризмот исто така нема да ја уништи цивилизацијата, ниту трговските договори нема да ја уништат цивилизацијата. Но, нуклеарната војна, еколошката пропаст и несоодветната употреба на технологиите можат да ја уништат човечката цивилизација. До сега, ние се однесуваме многу неодговорно како домаќини на нашата планета, постои огромен контраст помеѓу енормната моќ што сме успеале да ја акумулираме како човечка цивилизација, и фактот дека сè уште не сме постигнале социо-економска и развојна рамнотежа во склад со природата и околината. Не знаеме како да ја претвориме целата таа моќ во еден одржлив и социо-економски праведен (еко)систем. Ваквата тенденција на човештвото е многу опасна и таа постоела од секогаш.

Деградирањето на животната средина се зголемува со растот и развојот на современите економии. Воздухот, водата и почвата се изложени на постојано загадување како резултат на човековото делување. Во зависност од видот и начинот на искористување на природните ресурси, како резултат можеме да имаме помал или поголем негативен импакт врз животната средина. Тенденцијата на денешниот развој треба да биде базирана на искористување на природните ресурси со што помал негативен импакт врз животната средина. Па така, ова наложува оптимално искористување на природните ресурси, но и замена на користењето на необновливи со обновливи извори на енергија. Исто така треба да се почитува принципот на користење на еколошки - чисти технологии во работењето и во секојдневното живеење.
Сегашна состојба:

Во нашиот енергетскиот систем најголемиот дел од енергијата се добива од неодржливи и необновливи извори на енергија, со најголема застапеност на јагленот и негово искористување со примена на застарени технологии. Хидроенергијата е на второто место по застапеност, но овој начин исто така во голема мера е неодржлив заради зафаќањето на огромни површини со вештачките езера и нивно формирање со запирање на природните водени текови на реките. За искористувањето на хидроенергијата можеме да напоменеме дека, сé поизразените климатски промени го ставаат под прашање полнењето на акумулациите, а станува се понеизвесно дали воопшто во иднина ќе има можност за акумулирање на толкави количества вода во постоечките акумулации.

Исто така структурата на сопственост на средствата за производство, дистрибуција и тргување со енергија е крајно неправилно распределена, односно централизирана и речиси целосно во рацете на огромни приватни или државни компании кои тешко можат да се пренасочат од неодржливи кон одржливи извори на енергија, при што социо-економскиот аспект е во состојба статус кво на среден и долг рок. Но и покрај изразената концентрација и акумулација на капитал во енергетскиот сектор во неколку големи компании, сепак нивото на инвестиции е многу мал, а трансформацијата и модернизацијата кон одржливи извори на енергија е премногу бавна и речиси незначителена.

Со концептот на Енергетска демократија сите идни вложувања се насочуваат кон одржливи извори на енергија и најчесто во форма на здружување во енергетски заедници или кооперативи, и/или со отворени можности (законски регулативи) за домаќинствата да се вклучат во производството на енергија (фотонапонски кровни панели и сл.) Во поразвиените економии, а особено во Европската Унија ова е веќе широко применет концепт кој е целосно имплементиран со бројни видови и форми на здружување во енергетскиот систем. Најдобри примери се Германија и Данска кои не само што се нето извозници на енергија, туку ставаат и голем акцент во производството и идниот развој во сопствениот енергетски систем токму врз индивидуалните производители (домаќинства) и енергетските кооперативи, што ќе ги направи нивните економии во голема мера енергетски независни.  Македонската економија како голем увозник на сите видови енергија со создавањето услови за пробивање на вакви форми на производство во енергетскиот систем, неможе ништо да изгуби, туку само да ја корегира и подобри одржливоста на сопствениот енергетски систем во најширока смисла на зборот.

Состојбата во македонската енергетика е алармантна десетици години наназад и бара севкупна мобилизација и координација на институциите, локалните самоуправи, населението и индустријата во правец на градење на одржливо и партиципативно производство и потрошувачка на енергија.

Најновите истражувања и студии спроведени во ЕУ покажуваат дека до 2050 година, околу 45% од домаќинствата во ЕУ сами ќе си ја произведуваат енергијата од обновливи извори, а повеќе од една третина ќе се снабдуваат од енергетски кооперативи, исто така, со енергија добиена од обновливи извори. Ова претставува огромна можност за регионален економски развој, бидејќи спроведувањето на обновливи енергетски проекти кои се во локална-граѓанска сопственост создаваат 8 (осум) пати поголема вредност од истите проекти кои се во сопственост на приватни компании кои не се од таа област или регион.
Моменталната состојба наведува на потреба од се почесто и потемелно истражување на оваа тема за да се изнајдат одржливи и соодветни решенија кои ќе ја поткрепат социјалната, индивидуалната, професионалната и научната еволуција што ќе доведе до трајни решенија за чиста животна средина и поквалитетно живеење.
Само со постојано прибирање на податоци и информации и нивна анализа, може да се дојде до соодветни решенија. Истражувањата за животната средина ни овозможуваат да ја разбереме во целост улогата која ја има човековото делување врз најгорливите еколошки проблеми и начинот на кој можеме да се мобилизираме за нивно решавање.