Препорачано

Да се укинат субвенциите за мали хидроцентрали и парите да се насочат кон сонцето и ветерот

Да се укинат субвенциите за мали хидроцентрали е новата кампања на Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“, за која деновиве започна и петиција за собирање на потписи. Петицијата, заедно со кратко информативно видео, е објавена на нивните страници на социјалните мрежи, а од „Еко свест“ апелираат граѓаните да ја потпишат и да дадат поддршка за укинување на субвенциите за малите хидроцентрали, чија изградбата остава непоправливи последици по животната средина и природата. Велат дека малите хидроцентрали се градат зад очите на јавноста без јавни консултации и студии за оценка на влијанието врз животната средина. Се градат и во заштитени и еколошки чувствителни средини и прават огромни штети кои ги плаќаме сите ние преку сметките за електрична енергија.

„Реките се крвотокот на природата. Го оформуваат релјефот, го хранат биодиверзитетот, ја прочистуваат водата што ја пиеме и ја збогатуваат почвата. Реките жуборат со живот, реките значат живот. Но, река, по река, по река, нив ги окупираа малите хидроцентрали. И жуборот полека почна да го снемува“, пишуваат екологистите.

На видеото се прикажани три приказни за влијанието на малите хидроцентрали врз природата, изградени на Маркова река, Крапска река и Брајчинска река. Тие се меѓу 130 вакви енергетски објекти кои се веќе изградени или се во изградба,а има и уште 50 кои се планирани.

„Законите мора да забранат изградба на мали хидроцентрали во заштитени подрачја и на недопрени реки. Концесиите не смеат да се доделуваат без Студии за оценка на влијанието врз животната средина. Финансиската поддршка треба да се пренамени кон одржливи извори на енергија како сонцето и ветерот“, бараат од „Еко свест“.

Електричната енергија произведена од малите хидроцентрали се откупува по загарантирани повластени тарифи кои на сопствениците им гарантираат сигурен профит. Сите постоечки мали хидроцентрали заедно произведуваат само четири отсто од вкупното годишно производство на електрична енергија во земјата, во период од годината кога не е најпотребно за домаќинствата. Истото количество електрична енергија може да се заштеди со подобра енергетска ефикасност, без притоа да се уништуваат реките и недопрената природа, се вели во соопштението од организацијата.

Секое семејство во земјава, велат екологистите, секој месец плаќа шест отсто од висината на месечната сметка за струја, за субвенционирање на производството на електрична енергија од обновливи извори. На годишно ниво, за електричната енергија произведена од мали хидроцентрали ние граѓаните, плаќаме дури 16 милиони евра.

Поврзани блог статии